Маж поврзан со криминален клан од регионот е тешко ранет во пукотница што се случи попладнево во Барселона. Според информациите од регионалните медиуми, станува збор за уште една во низата пресметки меѓу спротивставени криминални групи.
Инцидентот се случил во елитната населба „Дијагонал Мар“, каде напаѓачите отвориле оган кон жртвата додека таа престојувала на тераса од угостителски објект. Во моментот на нападот, со ранетото лице биле присутни и членови на неговото семејство.
Напаѓачите испукале повеќе проектили, при што мажот бил погоден неколкупати во пределот на телото. Тој веднаш е пренесен во болница и во моментов се наоѓа во критична состојба.
Каталонската полиција „Мосос д'Ескуадра“ (Mossos d'Esquadra) изврши детален увид на местото на настанот. Истрагата е во тек, а полицијата трага по напаѓачите кои побегнале веднаш по пукањето. Засега нема официјални информации за мотивот, но првичните сомнежи водат кон нерасчистени сметки во криминалното подземје.