Иранската државна телевизија соопшти дека засега не е испратена никаква делегација во Пакистан за најавените разговори со САД, и покрај растечките шпекулации за нова рунда преговори.
Според информациите, во Техеран сè уште нема конечна одлука дали воопшто ќе учествуваат во разговорите, а внатрешните политички разлики дополнително ја комплицираат позицијата на земјата во однос на дипломатскиот процес.
Во меѓувреме, од американска страна пристигнуваат сигнали дека се подготвува нова дипломатска иницијатива. Се очекува американскиот потпретседател Џеј Ди Венс да предводи делегација за можни разговори во Исламабад, но според најновите информации – тој сè уште нема отпатувано и плановите остануваат неизвесни.
Ова следува по претходната рунда разговори во Исламабад, кога американската делегација пристигна и се одржаа директни преговори, но без конкретен договор меѓу двете страни.
Актуелната ситуација покажува дека, и покрај дипломатските напори, новата рунда разговори сè уште не е потврдена, а учеството на Иран останува под знак прашалник. Во услови на зголемени тензии и неодамнешни инциденти во регионот, исходот од потенцијалните преговори ќе зависи од тоа дали двете страни ќе се согласат повторно да седнат на преговарачката маса.