Европската комисија подготвува нов пакет препораки насочени кон намалување на потрошувачката на фосилни горива, во услови на засилени енергетски притисоци предизвикани од случувањата на Блискиот Исток.
Според нацрт-документот, се предлагаат мерки кои треба да донесат краткорочно олеснување за граѓаните и компаниите. Меѓу нив се препораките за работа од дома најмалку еден ден неделно, каде што природата на работата го дозволува тоа, како и воведување субвенции за јавен превоз со цел да се намали побарувачката за горива.
Дополнително, Комисијата предлага намалување на ДДВ за технологиите кои ја подобруваат енергетската ефикасност, како што се топлинските пумпи, соларните панели и другите решенија за чиста енергија.
Овие мерки се надоврзуваат на политиките воведени за време на енергетската криза по почетокот на војната во Украина, кога беа промовирани штедењето енергија и редукцијата на потрошувачката.
Во новиот пакет се разгледуваат и т.н. шеми за „социјален лизинг“, со кои би се олеснил пристапот до технологии со ниска потрошувачка, вклучувајќи електрични возила и современи системи за греење.
Од Брисел нагласуваат дека станува збор за препораки, а не за обврзувачки мерки, при што секоја земја-членка самостојно ќе одлучува за начинот на нивната примена.
Паралелно со ова, се подготвуваат и законски измени за намалување на трошоците за електрична енергија, што вклучува и пониско оданочување на струјата во споредба со фосилните горива.
Иако предлог-мерките сè уште се во фаза на подготовка, тие јасно сигнализираат дека енергетската ефикасност и независноста од фосилни извори остануваат во примарниот фокус на европските политики.