Американскиот технолошки гигант Amazon постигна договор за преземање на сателитската компанија Globalstar. Вредноста на зделката изнесува околу 11,57 милијарди долари (приближно 10,6 милијарди евра), со што компанијата значително го засилува своето влијание во глобалниот сателитски сектор.
Преку оваа аквизиција, Amazon добива пристап до веќе воспоставена сателитска инфраструктура, радиофреквентен спектар и напредната технологија за директна комуникација со уреди (direct-to-device). Овие ресурси ќе бидат клучни за проширување на сопствената сателитска мрежа на Amazon.
Целта на овој стратешки потег е зајакнување на конкурентноста во индустријата за сателитски интернет, особено во сегментот на глобална поврзаност во оддалечените области каде што нема традиционална мобилна мрежа.
Globalstar, која веќе обезбедува клучни услуги за мобилни уреди, ќе ги задржи постојните партнерства, вклучително и соработката со Apple. Новата сопственичка структура се очекува да го забрза технолошкиот развој и да овозможи масовно проширување на услугите.
Според плановите, Amazon ќе ја интегрира технологијата на Globalstar во својата констелација од илјадници сателити за да обезбеди побрз и подостапен интернет на глобално ниво. Финализирањето на договорот зависи од регулаторните одобренија, кои се очекуваат во претстојниот период.