Тројца лекари вратиле вкупно околу 25.000 евра во буџетот на здравствените установи каде што се вработени, откако било утврдено дека средствата им биле неправилно пресметани како дел од нивните плати. Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) информираат дека станува збор за актуелни и поранешни директори на клиники, но нивните идентитети не се откриваат.
Директорот на Фондот, Сашо Клековски, изјави дека институцијата испраќа јасна порака дека платите во здравството ќе растат, но дека истовремено ќе се бара строго почитување на правилата и спречување на какви било злоупотреби.
„Ќе ја вреднуваме работата и платите ќе одат нагоре, но очекуваме фер однос и прекин на злоупотребите со додатоците“, изјави Клековски, нагласувајќи дека ќе се воведат јасни и правични критериуми.
Од Фондот појаснуваат дека здравствено осигурување имаат и лицата без приходи, чии трошоци ги покрива државата, и ги демантираат тврдењата дека одредени категории граѓани остануваат без здравствено покритие.
Воедно, од таму посочуваат дека во евиденцијата на осигуреници сè уште фигурираат и починати лица, бидејќи податоците не се целосно ажурирани и зависат од координацијата со институциите задолжени за матичната евиденција.
Според официјалните податоци, во државата има околу 1,836 милиони осигуреници, од кои приближно 25 проценти се лица без приходи.